Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Мастерсот во Париз.
Првиот светски рекет беше подобар од Холгер Руне во три сета и по неполни три часа игра го совлада Данецот со 7:5, 6:7(3), 6:4.
Во реприза на минатогодишното финале во кое славеше Руне, младиот тенисер влезе како еден од ретките тенисери кои имаат победнички скор во дуелите со Новак – и покажа зошто е тоа така. Успеа да с еврати од скоро загубен втор сет за да израмни на 1:1, но очигледно не можеше да го издржи товарот на третиот сет во кој Ѓоковиќ со полна сила успеа да го добие мечот.
Во решавачкиот сет, Ѓоковиќ прв направи брејк во третиот гем, а тоа толку многу го изнервира Руне што набргу потоа се повреди кога удри во оградата со рака и го раскрвави прстот. Во полуфиналето српскиот тенисер за ривал го очекува победникот од мечот меѓу Де Минаур и Рубљев.