Вечерва на популарната „Маракана“ во Рио (21 часот по македонско време) ќе се одигра финалето во јужноамериканската Лига на шампиони или локално наречена Копа Либертадорес во кое ќе се соочат Бока Јуниорс и Флуминенсе. Ова е првиот аргентинско-бразилски дуел за пехарот после 2019 година.
Почнувајќи од таа година трофеите ги освојувале бразилски клубови, Фламенго и Палмеирас по два пати. Оваа година Флуминенсе втор пат ќе игра во финалето на КЛ, а го брка првиот трофеј со оглед дека го загуби финалниот дуел во 2008 година против ЛДУ Кито од Еквадор.
Бока Јуниорс атакува на седмиот трофеј со што ќе се изедначи на чело на најтрофејните со Индепендиенте. Бока ќе го игра 12-тото финале, а последниот трофеј во КЛ го освои 2007 година.
Ова финале имаше непријатна увертира. Во четвртокот аргентински и бразилски фанови се испотепаа на плажата Копакабана во Рио, па полицијата интервенираше со водени топови и солзавци. Двајца аргентински фанови биле уапсени затоа што фрлале стаклени шишиња кон полицајци и навреди.
ИГРАЧИ
Ова ќе биде дуел меѓу ветерани. На страната на бразилскиот тим Марсело, долгогодишниот фудбалер на Реал се врати во татковината и ги брани боите на Флуминенсе, на другата е Единсон Кавани, уругвајскиот ас кој помина долги години во Наполи и ПСЖ.
Марсело има 26 клупски трофеи од кои 25 со Реал Мадрид вклучувајќи и пет во ЛШ. Кавани има 22 клупски трофеја од кои шест шампионски титули со ПСЖ.
За Бока играат екс-фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Серхио Ромеро и Маркос Рохо, тука е и Дарио Бенедето, екс-фудбалер на Марсеј, Факундо Ронкаља, екс-играч на Фиорентина, Селта и Осасуна.
Флуминенсе покрај Марсело ги има Гансо, некогашната прва ѕвезда на Сантос и Сао Пауло, пргавиот Фелипе Мело, екс-играчот на Јувентус, Галатасарај и Интер, Марлон од Шахтјор Доњецк, а тренер им е Фернандо Диниз, идниот бразилски селектор.
ФАВОРИТ?
Исксутвото е на страната на Бока, а со Флуминенсе младост и полетност. Флуминенсе игра на домашен терен (Рио), да кажеме дека го демолираа Ривер Плата со 5:1 во групната фаза. Бразилците играа ефикасно, постигнаа 22 гола до финалето од кои 12 во нокаут фазата.
Бока имаше проблематичен пат до финалето, секоја рунда во нокаут фазата ја помина преку пенали, а постигна само 12 голови во КЛ, а три од нив паднаа на еден меч. Но исто така имаат и добра одбрана која прими само пет гола.
МОЖНИ СОСТАВИ
БОКА ЈУНИОРС: Ромеро – Адвинсула, Фигал, Валентини, Фабра – Медина, Пол Фернандез, Еки Фернандез, Барко – Мерентиел, Кавани
ФЛУМИНЕНСЕ: Фабио – Ксавиер, Нино., Фелипе Мело, Марсело – Мартинели, Андре-Ариас, Гансо, Кено – Герман Кано
СИТЕ ДОСЕГАШНИ ШАМПИОНИ (Извор ФБ/Копа Либертадорес)