Дербито на 13.коло, а можеби и дербито на есенската полусезона во ПМФЛ се игра денеска во Струга. Се среќаваат Струга ТЛ и Шкендија, најсериозните кандидати во битката за титулата, според имињата и двете наши најквалитетни екипи. Се разбира во ова друштво е и Шкупи.
Интересно, досега Шкендија никогаш не ја победила Струга ТЛ на гостински терен, и има негативен скор во меѓусебните дуели.
Напаѓачот на шампионот Басиру Компаоре се надева на победа на неговиот тим:
“Шкендија е добар тим, но ние сме подготвени да го дадеме максимумот да победиме. Се надевам дека може на овој меч,на ова дерби да го постигнам и својот деби гол во дресот на Струга“изјави Компаоре.
Инаку за Струга ТЛ на овој меч нема да настапи Буњамин Шабани поради пет жолти картони.
Од таборот на Шкендија се најавува голема борба. Тимот е во мини – резултатска криза, па така тетовци очекуваат дека токму на овој меч во Струга ќе успеат да дојдат до бодови.
“Секако дека ќе биде тежок меч за нас, меч против директен ривал во битката за титулата. Нашата цел се знае, победа и три бода, тука нема дилеми.Овој дерби натпревар доаѓа вистинско време за нас, да ја покажеме нашата сила“ изјави Бруно Дита, дефанзивниот играч за врска на Шкендија.