ПОД ИТНО! Ако нема пари за ВАР користете ги камерите…

2597

Под ИТНО да се стави крај на криминалните судиски одлуки ширум терените во Македонија каде секој викенд или секое коло сме сведоци на лакрдии, изживувања и скандалозни одлуки на штета на фудбалот.

Светот веќе со години воведе ВАР технологија која за нас е сон поради финаниската немоќ. Хаосот во домашниот фудбал кулминираше викендов каде речиси на сите прволигашки средби имаше еден куп спорни моменти, голови, пенали, црвени картони…

Да не комплицираме многу и да бидеме директни. Ако сите ние ги гледаме грешките на судиите во ист момент кога се направени преку платформата на ФФМ и продукцијата која врши пренос од натпреварите, тогаш зошто официјалните лица не ја користат таа платформа, тие камери за да ги гледаат спорните моменти. Лекот е еден судија повеќе кој би ја гледал средбата на лап-топ на стадионот, со делегатот, контролорот… И така сите тие се официјални лица кои после секој натпревар истиот го добиваат на „стик“ а потоа ги гледаат спорните моменти.

Ако се сака се се може!!! Секој натпревар се пренесува со три камери кои се доволни да се процени некој спорен момент. И така се камерите на стадионите и истите треба и мора да се користат за анализа на спорните моменти се со цел да се избегнат криминалните одлуки кои прават хаос, тензии, нервози и обиди за физички пресметки.

Судиската организација под итно треба да го изгаси пожарот и да почне со работа, затоа што анализите кои се прават после секој натпревар не носат никакво подобрување на арбитражата. Во сите земји на Балканот, освен кај нас и во Црна Гора, има ВАР технологија, и затоа користете ги камерите за да ги спасите судиите од лакрдиите.

И притисокот кај судиите би се намалил ако се знае дека има контрола на спорните моменти, ако се гледа снимка… Нешто слично како во кошарката каде судиите за спорните моменти одат и гледаат видео снимка на записничката маса. Не е само во таксите судиски, контролорски, делегатски…!!!

Работете нешто, нешто за добро на сите и на самите судии додека не настане уште поголем циркус.

ПретходноСекоја чест: Синоќа играше дерби во Серија А, а денеска чистеше ѓубре по улиците! (ФОТО)
СледноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Шпетим Дуро (Струга Трим Лум)