УО на ФФМ одлучи: Благоја Милевски ќе добие понуда за нов договор!

4229

Фудбалската репрезенација на Македонија за две недели ќе ги игра дуелите со Италија во Рим и Англија во Скопје со што завршуваат квалификациите за пласман на ЕП 2024 во Германија. За нас неуспешни квалификации во кои не бевме конкурентни за водечките позиции во групата, а ја губиме и битката за третото место.

Со крајот на квалификациите завршува и договорот со Благоја Милевски на селекторската позиција. Покрај овој циклус Милевски имаше и „кикс“ во Лигата на нации со Грузија, Бугарија и Гибралтар каде мораше да има подобар резултат за разлика од квалификациите во кои сме дел од пеколната група со Англија, Италија, Украина и Малта.

Сепак, успехот од пред две години и баражот за пласман на СП е „добитната карта“ за Милевски.

„СпортСпорт“ дознава дека на седницата на УО на ФФМ одржана во петокот во Кичево се зборувало на тема „селектор“, а членовите на УО дале „зелено светло“ за претседателот Муамед Сејдини да преговара со Благоја Милевски за нов двегодишен договор. Информациите велат дека условите од договорот би останале исти – плата од 7.000 евра! Сумата ќе биде фиксна, и тоа веќе беше напоменато откако во летните денови ФФМ сакаше да го смени Милевски со странски стратег, но сите странци кои биле консултирани барале трипати поголема плата од онаа на актуелниот предводник на репрезентацијата.

Сепак, пред нас се Италија и Англија и дури потоа нови преговори… но, насоките одат во тој правец: Благоја Милевски да остане на клупата на репрезентацијата.

ПретходноХамилтон среќен што завршува сезоната: Добро е, уште две трки за да не се мачиме!
СледноКалин падна 21 место на новата АТП листа