Барселона загуби во дуелот со Шахтјор во меч од 4.коло од групите во ЛШ и тоа во Хамбург каде што украинскиот тим беше домаќин. Барса повторно одигра лош меч, слично како оној против Сосиедад но таму барем дојде до победата, тука не. Во првото полувреме фудбалерите на шпанскиот шампион не упатија ниту еден директен удар кон голот на противникот. Шахтјор во првиот дел постигна два гола од кои едниот беше поништен поради офсајд. Згора на се Роналд Араухо се повреди.
„Тоа е ментален проблем и мора да се ресетираме. Лути сме затоа што не ја игравме нашата игра. Потфрливме во секој поглед. Го одигравме еден од најлошите натпревари, во тактичка смисла, во овие две години. Мора да покажеме гордост, карактер и љубов кон себе“, изјави Чави.
Барса пропушти уште вечерва да осигура пласман во нокаут фазата. Под водство на Чави, Барселона има пет порази во 12 меча.
„Сакавме да го потврдиме пласманот, но ова е чекор наназад. ЛШ бара највисоко ниво на игра, но ние не игравме така. Не напаѓавме добро, не се браневме добро. Нашата реакција во второто полувреме беше добра, но не и доволна. Јасно ни е дека не сме во добар момент меѓутоа можеме да го надминеме. Ништо не е загубено. Мора да бидеме самокритични, се наоѓаме во момент на слаба самодоверба и потребен ни е ресет. Мислам дека тимот ќе закрепне и повторно ќе се чувствуваме удобро за време на натпреварите“, додаде тренерот на Барселона.