Триумфот над Силекс е зад фудбалерите на Работнички, со оглед дека веќе утре следи нов голем предизвик. Нашиот тим на стадионот „Борис Трајковски“ ќе го пречека тимот на Шкупи во четвртфиналето на Купот на Македонија.
Голманот Игор Алексовски успеа да ја сочува мрежата на претходниот меч со Силекс и посакува идентичен епилог и на утрешниот меч.
„Купот е специфичен, победник мора да има и во еден натпревар нема многу простор за грешки. Свесни сме за тоа, знаеме и дека против себе имаме квалитетен тим каков што е Шкупи, но сигурно дека не се и непобедливи. На почетокот на првенството ги победивме токму на „Борис Трајковски“, а потоа загубивме на Чаир. Ќе биде тешко, но максимално сме фокусирани и мотивирани и веруваме дека можеме да ја оствариме целта. Во Купот е важно да одиш во следната рунда и сигурно дека ќе сториме сѐ да стигнеме до полуфиналето“, вели Игор Алексовски.
Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи е закажан за утре, со почеток во 13 часот, на стадионот Борис Трајковски“, а ќе го суди Крумислав Ѓоргиев од Штип.