Фудбалерите на Брера Струмица утре во Кавадарци му гостуваат на Тиквеш во рамките на четвртфиналето на македонскиот фудбалски куп. Во пресрет на дуелот, тренерот на Брера, Џовани Валенти, смета дека дуелот со Тиквеш ќе биде исклучително тежок, но неговиот тим оди на победа исто како и на првиот дуел меѓу овие два тима во првенството, каде струмичани славеа со 2:0.
„Тимот е подготвен. Трениравме доста по натпреварот со Воска и сите играчи ќе бидат достапни за оваа средба. По последниот тренинг ќе одлучиме за стартните 11 за мечот со Тиквеш. Играчите знаат колку е за нас важен овој куп. Ние имаме сон, нема да откријам сега кој е нашиот сон, но тој постои и ќе го дадеме најдоброто од себе за да го оствариме нашиот сон. Тиквеш покажа во текот на сезоната дека се работи за многу квалитетен тим, ги гледавме нивините последни натпревари против Гостивар и Силекс и покажаа дека играат во голем фудбалски стил. Ќе биде тешко бидејќи знам дека условите во Кавадарци не се најдобри. Ова за нас ќе биде голем предизвик и сигурен сум дека ќе настапиме со желба да го добиеме натпреварот“, вели тренерот на струмичани.