Шпанскиот прволигаш Гранада е исфрлена од Копа дел Реј поради учеството на 24-годишниот резервен голман Адријан Лопез на натпреварот од првото коло на Купот птотив нисколигашот Ароса. Дисциплинскиот судија на Шпанска фудбалска федерација одлучи да му додели службена победа на нисколигашот од 3:0, иако Гранада на терен ја доби средбата со идентичен резултат.
Според информациите, Гранада половина час пред почетокот на натпреварот била предупредена дека нема право да го стави на список на играчи голманот Лопез, кој нема право на настап во Купот, бидејќи е непрофесионален фудбалер. Според правилникот за натпреварување, играчите од резервниот тим кои учествуваат во натпреварите од Купот не смеат да бидат постари од 23 години.
По завршувањето на натпреварот, управата на Ароса поднела жалба против Гранада, која е прифатена. Гранада сега ќе мора да плати и парична казна од 6000 евра за пропустот.