Чави: Заслужено загубивме!

154

Барселона имаше шанса рано да се пласира во нокаут фазата од Лигата на шампионите, но загуби со 1-0 од Шахтјор во Хамбург. По натпреварот, тренерот на каталонскиот гигант, Чави Хернандез призна дека тимот останал далеку од посакуваното ниво и мора да изгледа сосема поинаку во следните натпревари.

„Не одигравме добро. Му дозволивме на противникот да создава шанси пред нашиот гол. Шахтјор се бранеше цврсто и умешно се транзитираше од одбрана во напад. Не можеме да си дозволиме да се опуштиме. Одигравме два последователни слаби натпревари. Денеска заслужено загубивме. Кога ќе ги подобриме перформансите, тогаш ќе ни се врати самодовербата“, изјави Чави.

Тренерот на Барселона имаше бројни критики, особено што синоќа неговите момци можеа да ја прекинат негативната традиција во последните две години.

„Во последните две години не можевме да ја минеме групната фаза од Лигата на шампионите и сега можевме да го прекинеме тоа. Загубивме во најнеповолниот момент. Барањата во Барселона се големи. Немавме право на кикс на овој натпревар, но токму тоа се случи.

Лигата на шампионите бара настап на највисоко ниво. Не успеавме да го дадеме максимумот. Лути сме затоа што не го добивме тоа што го сакавме. Дефинитивно не успеавме. Имам многу работа пред мене на тренинзите. Не сме концентрирани, не притискаме доволно агресивно. Сега не е време да губиме земја под нашите нозе“, додаде Чави.

ПретходноСити и Лајпциг во осминафинале, а Mилан со победа над ПСЖ си ги врати шансите за нокаут фаза
СледноВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА им исплати на играчите фантастични 45 992 512 во октомври