Денеска од 13 часот се играат сите четвртфинални мечеви од Купот на Македонија.
Осум желби за полуфинале, а има место само за четири екипи.
Познато е дека и во оваа фаза се игра по еден натпревар, додека во полуфиналето ќе има по два или ќе се играат двомечи.
Инаку денеска дербито се игра на Маџари, тоа ќе биде скопска пресметка меѓу Работнички и Шкупи. Во рамките на 1.коло во оваа сезона во ПМФЛ на овој стадион беше 3:1 за Работнички, но Шкупи врати на Чаир со 3:0. Која од овие две екипи ќе оди натаму веројатно ќе биде најголем кандидат за освојување на пехарот во Купот.
Во Ѓорче играат Македонија ЃП и Силекс. Тоа се две екипи кои во последните три финалиња доаѓале до трофеите. Кратовци во 2021 а “лавовите“ во 2022 и 2023. Значаен меч и за двете екипи.
Во Штип домашната Брегалница, која е во резултатска криза во првенството, ја дочекува Воска. Јасно е кој е фаворит, “сините“ сакаат полуфинале, сакаат и финале и го сакаат и пехарот, но прво треба денеска да се победи.
И во Кавадарци, Тиквеш се среќава со Брера Струмица. Меч кој ќе биде супер интересен. И двете екипи си имаат свои амбиции, можеби поради фактот дека игра дома Тиквеш е мал фаворит, но тоа треба да се докаже на терен.
Познато е дека во случај на нерешен резултат по истекот на 90.минути веднаш ќе се изведуваат пенали.
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ – ДЕНЕСКА 13 Ч
РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ
МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС
БРЕГАЛНИЦА – ВОСКА
ТИКВЕШ – БРЕРА