ЛЕ: Ливерпул, Рома, Баер (Л) со победи до место во нокаут-фазата

106

Лигата на Европа се враќа со четвртото коло од групната фаза на вториот по квалитет турнир на УЕФА. Во првиот блок натпревари од 18:45 најинтересно ќе биде на гостувањето на Ливерпул во Франција кај екипата на Тулуз, против која момците на Јирген Клоп ќе се обидат да ја остварат и четвртата победа со која по ова коло и официјално треба да го потврдат пласманот во нокаут-фазата. Тулуз досега има четири бода, како и Ројал Унион, кој во исто време гостува кај тимот на ЛАСК, кој пак се надева на први бодови во групата „Е“.

И финалистот од последното издание на Лигата на Европа Рома ќе се обиде да продолжи со стопроцентна ефикасност во групата Г и да обезбеди пласман во следната фаза. Мурињо денеска гостува кај Славија (Прага).

Во групата Б, ситуацијата очекувано е исклучително тесна. Ајакс, кој е последен ќе бара одмазда против Брајтон за поразот од 2-0 пред две недели. Само три бода би му овозможиле на холандскиот гигант да избега од последната позиција. Брајтон, пак, би можел да направи голем чекор кон настап во следната фаза, доколку ја искористи лошата форма на Ајакс. Во вториот меч од групата, лидерот Марсеј има тешко гостување кај АЕК Атина. Во групата Х, лидерот од Бундеслигата, Баер Леверкузен, кој исто има три победи досега, гостува кај второпласираниот Карабах. „Фармацевтите“ во последното коло го совладаа овој ривал со 5:1. Молде го направи истото против Хакен и сега ќе патува во Шведска со зголемена самодоверба. Интересно ќе биде и на мечот меѓу победникот на Конференциската лига, Вест Хем, кој се среќава со Олимпијакос, како и дуелот на лидерот во групата Д, Аталанта, која се уште е непоразена на турнирот и го пречекува Штурм.

ПретходноБоби задоволен од соработката со ФФМ, вели не знае дали ќе добие нов договор
СледноОАЕ со нов договор за Данило Брестовац!