ШК Алкалоид, како најуспешен шаховски колектив во историјата на нашата земја и актуелен носител на титулите во машка и во женска екипна конкуренција во Македонија, ќе биде застапен со свои играчи во репрезентациите што ќе настапат на Европското екипно првенство во Будва.
Новиот селектор на машката репрезентација ИМ Атанас Кизов за овој настап ги повика ИМ Филип Панчевски и ИМ Тони Лазов меѓу петтемина што ќе патуваат за Црна Гора. Обајцата беа дел од државниот тим кој настапи на претходното ЕП во Словенија, каде што ИМ Филип Панчевски играше на првата табла.
– Ја прифатив поканата од селекторот Кизов, кој во својот прв мандат ме повика да дебитирам во националниот тим. Сѐ уште не знам точно како ќе настапиме по табли, но, во договор со селекторот, оваа година јас нема да играм на првата табла. Имав успешна година на клупски план. Со колегите од ШК Алкалоид освоивме нова титула. Исто така, шампионски трофеи освоив со клубовите за кои настапив во Србија и во Германија. Сакам да одиграм добар турнир и квалитетни партии. Кај мене, а гледам и кај другите шахисти во Македонија, периодот кој беше обележан со појавата на пандемијата на КОВИД 19 влијаеше негативно. Сите изгубивме рејтинг споредено со нивото пред тоа. Имам освоено две велемајсторски норми и размислувам за освојување на третиот бал, но тоа не ми е главната цел на овој турнир. Се надевам на добар резултат во Црна Гора, а догодина повторно ќе се борам за освојување на државната титула – изјави ИМ Филип Панчевски.
ИМ Тони Лазов, исто така, имаше подобри резултати во вториот дел од годината, со одличен настап на Државното екипно првенство, каде што освои шест победи од шест партии, а неодамна го освои и рапид-турнирот „Шах-шех Вавилон опен“ во Битола.
Во женската репрезентација селекторот ФМ Љубиша Андоновски ќе ѝ ја довери првата табла на ЖФМ Моника Стојковска. Таа годинава ја одбрани шампионската титула во поединечна конкуренција, а со колешките од ШК Алкалоид го врати трофејот на екипно ниво во витрините на клубот.
– Во согласност со резултатите би требало да сум задоволна од својата играчка форма, но шахот е непредвидлив спорт, а и формата за игра подлежи на брзи промени, односно зависи од бројот на одиграни партии во одреден период, од психофизичката состојба на играчот итн., така што партиите на претстојното Европско првенство ќе бидат најдобар показател за мојата моментална играчка форма. Настапите на европските првенства сами по себе се многу напорни бидејќи најголем дел од нашите противнички се професионални шахистки. Настапот како предводник на екипата, односно играта на првата табла, е уште понапорен бидејќи секоја партија е против најдобрата шахистка од некоја европска држава, а не треба да заборавиме дека Европа како континент има одличен шах. Во составот на македонската женска шаховска репрезентација сум од 2009 година во континуитет, додека, пак, товарот да бидам играч на првата табла го презедов од 2016 година и годинава ќе се обидам да продолжам во таа насока. Гордост е да се претставува Македонија и колку и да е тежок предизвикот секогаш го прифаќам со задоволство – вели ЖФМ Стојковска.
Стојковска ја има освоено титулата женски фиде-мајстор (ЖФМ), а ги има остварено и трите норми за освојување на следната титула како женски интернационален мајстор (ЖИМ), но за таа да биде верификувана, потребно е да ја достигне границата од 2200 рејтинг-поени.