Женската кошаркарска репрезентација на Македонија, вечерва (21.30 ч.) против Португалија ги започнува квалификациите за ЕП. Прв противник е силната португалска селекција, против која капитенот Анџелика Митрашиновиќ очекува добар настап.
„Очекувам да одиграме две добри средби и да го покажеме квалитетот кој го прикажавме на оној натпревар против Босна и Херцеговина на гостински терен. Тоа значи борбеност, оставање срце на терен и доста квалитетна игра. Прв ривал ни е Португалија, знаеме за каква репрезентација се работи, потоа ни следи Србија. И двете селекции играат доста агресивно. Се надевам дека ќе бидеме коректни, на двете страни од теренот и ќе забележиме позитивен резултат“, вели репрезентативниот бек.
Се чини дека искуството стекнато низ оние лански натпревари ќе биде од голема полза за нашиот национален тим во овие квалификации во кои нè чекаат и натпревари против репрезентациите на Србија (на 12 ноември во Скопје), и Украина, во оној февруарски ФИБА „прозорец“.
„Може да се каже дека сме малку поискусни во однос на минатиот циклус. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави, затоа што секоја година ни недостасува по некој играч. Сакам барем во еден циклус од квалификациите да покажеме што можеме во целост. Сигурна сум дека имаме квалитет. Против селекцијата на Босна и Херцеговина, која заврши петта на Европското првенство успеавме да славиме во последниот меч, тоа не е слаба репрезентација. Знаеме каков квалитет имаат и Португалија и Србија, но на терен нема да излеземе со бело знаме. Се ќе биде од голема важност од тоа како ќе се поставиме во нападот, па до тоа како ќе изгледаме во одбраната. Јас верувам дека секоја од нас ќе го даде максимумот до последната секунда. Впрочем, желбата ни е секогаш да победуваме“, порачува Митрашиновиќ од Матошинос, кад евечерва од 21:30 го играме првиот квалификациски меч.