Доцна попладнево се одиграа два меча од 10.коло во нашата ракометна Суперлига. Во скопската пресметка Вардар 1961 како гостин го победи составот на Пролет со 24:28, па така стигна до деветтата победа сезонава.
Пролет подобро го отвори овој меч, во почетните минути имаше предност од два гола разлика, 3:1 и 4:2, но како што одминуваше времето фаворитот ги презеде работите во свои раце па така уште на полувремето дојде до предност од 10:17.
Во второто вардарци одиграа рутински, и кога беше се готово домашниот состав успеа да го ублажи поразот на само четири голови за конечни 24:28.
Во вториот меч Охрид на свој терен успеа да слави убедливо со Куманово со 33:25. Победникот на оваа средба, очекувано, беше решен многу рано, уште во првиот дел кога домашните имаа и 10 голови предност. Во ниту еден момент кумановци не беа закана за четата на стратегот Алушовски.
Во победничкиот тим најдобри срелци беа Шипинковски и Бојаниќ со по 5 голови, додека кај гостите се истакна Гамзардија со седум погодоци.