Пишува: Зоран Ѓоршоски
Натпревар кој Вардар не смееше по никоја цена да го загуби, и го загуби. Се разбира дека тука мислиме на саботниот дуел со Воска во Скопје. Во меч против директниот конкурент во битката за опстанок. Па така сега по 14.коло, Вардар уште е последен со само 11 бодови, а пред него се Брегалница со 14, Македонија ЃП со 15, Воска со 16. Барем засега тука завршува кругот на екипи кои ги чека пекол во избегнување на последните две места на табелата кои водат во ВМФЛ а десеттото значи пласман во бараж за опстанок.
Да, има уште многу да се игра. Веројатно кај Вардар ќе има промени во зимскиот период, така се најавуваат, но сепак треба некои работи реално да се кажат.
А тие се дека, без разлика на тоа што овој клуб има одличен стратег, што има невидена поддршка од своите фанови, иако против Воска и не беше баш така бројна како на минатите средби, сепак овој тим на Вардар едноставно нема квалитет да се носи со останатите екипи.
И кога победува Вардар тогаш тоа го прави откако противниците ќе одиграат катастрофално, како со Работнички на пример, или пак кога момците на Васоски ќе одиграат и ќе дадат и повеќе од тоа што можат.
Ама тоа не може да трае вечно, да трае цела сезона.
Се виде дека и покрај сите слабости, сепак Воска е “средена“ екипа, која знае што сака, која знае како да дојде до тоа што го сака.
Да не говориме за Македонија ЃП или Брегалница.
Останатите екипи како Гостивар, Работнички, Тиквеш, се далеку, далеку пред Вардар, тоа мора да се признае.
Затоа ако некои работи под итно не се сменат, односно ако во зимскиот период не се доведат најмалку 7-8 екстра квалитетни засилувања, тогаш јасно ни е на сите, а и на тие во клубот, дека Вардар опасно се “лизга“ кон ВМФЛ.
Драги мои, тоа е реалноста.
Она што остави белег на колото е поразот на Шкупи во Кратово, односно првиот пораз на Младен Жижовиќ како тренер на чаирачани. Сепак и покрај овој пораз, Шкупи и натаму е лидер. Сега има ист број бодови како и Шкендија, и еден повеќе од Струга ТЛ.
Од друга страна мора да се пофали Силекс. Момците на стратегот Михаилов го одиграа најдобриот меч оваа сезона. И само така можеш да го победиш Шкупи. Така и беше.
Шампионот и на ова гостување, во Струмица, е поразен.
Струга ТЛ како да игра „топло-студено“ оваа есен, но јасно е дека вчера во Струмица домашната екипа на Брера одигра квалитетно и успеа да го победи шампионот.
И тоа пауза од цели 79 дена, или по цели девет меча во серија без победа, и затоа е таа еуфорија кај тренерот Валенти и неговите играчи.
Сега следува пауза од две недели.
Уф, малку одмор од ПМФЛ….