Во дербито на 5. коло на Првата одбојкарска лига во машка конкуренција, екипата на Штип УДГ успеа да слави пред своите навивачи и да и го нанесе првиот сезонски пораз на Лирија. Штипјани со голема желба за успех во централната вечерна програма во салата “Јордан Мијалков” пред своите фанови, славеа со 3:1 (25:20, 20:25, 25:18, 25:2). Ова беше трета победа за Штип УДГ со која сега се израмни на табелата по бројот на бодови со својот денешен ривал и најави атак на местата кои водат во втората фаза од шампионатот. Во четирите сета видовме голема борба и од двата тима, но домашните беа поумешни во завршницата на сетовите, освен во вториот кој им припадна на гостите од Жеровјане.