Силкеборг ја оправда фаворитската улога против Алкалоид

129

Алкалоид го запиша вториот пораз во Европската лига, откако на домашен терен не успеа да дојде до посакуваното изненадување против фаворитот Силкеборг, кој славеше со 23-31 во меч од третото коло.

Една од причините за ваквиот настан на теренот е слабата реализација од седум метри, Алкалоид на оваа средба имаше 2/7.

Џонов постигна седум гола од 14 обиди, Серафимов запиша пет гола, додека Трајковски зад своето име запиша 11 одбрани.

Македонскиот вицепрвак добро парираше во првите 14 минути против далеку посилниот гостински состав. Алкалоид отвори со серија од 3-0 со головите на Михајловиќ, Ѓорѓиев и Серафимов по само три минути игра. Техничка грешка и промашен пенал (Алкалоид во првото полувреме имаше три нереализирани седмерци) беа доволни за да данскиот состав се врати во мечот. По 4-2, гостите направија серија од 1-5 и дојде до водство од 5-7 пред средината на првиот дел. Џонов заработи исклучување, Силкеборг поведе со 6-10, во меѓувреме Лазаров повика тајм-аут.

Највисоката негатива во овој дел, Алкалоид ја имаше во 25 минута (8-14). Со два погодоци на Џонов и еден на Стојковиќ, македонскиот вицепрвак се доближи на минус три (11-14), имаше и напад за минус два, но не го искористи. На одморот резултатот беше 12-16.

Во вториот дел, ракометарите на македонскиот вицепрвак имаа шанса да дојдат до негатива од три гола, по серијата од 2-0 не искористија два напади, па следеше казна, Силкеборг во 38. минута, по вторпат на мечот поведе со плус шест (14-20). И во овој дел проблемот беше изведувањето на седмерци, конечно после две нови промашувања, Серафимов успеа да ја урне оваа бариера.

Трајковски влезе во серија на одбрани, но штета што македонскиот вицепрвак не успеа да ги искористи неговите одбрани при резултат 18-22, најмалку можеше да намали на два гола. Нешто подоцна, Силкеборг дојде до нови плус шест, недозволувајќи му на нашиот тим да се приближи. Во 55. минута, гостите на своето конто имаа водство од 21-29 како потврда за бодовите од Скопје.

Овие два тима повторно ќе се сретнат за една недела, Алкалоид ќе биде гостин на данскиот состав.

ПретходноОфицијално: “Коцкарот“ Фаџоли во Јуве до 2028! (ФОТО)
СледноЛазаров: Разочаран бидејќи повторно промашивме голем број пенали! Ова ќе ни биде голема школа!