Лазаров: Разочаран бидејќи повторно промашивме голем број пенали! Ова ќе ни биде голема школа!

385

Македонскиот вицепрвак, Алкалоид го запиша вториот пораз во дебитанската сезона во Европската лига, откако на домашен терен беше совладан од фаворитот Силкеборг со 23-31.

Избраниците на Кирил Лазаров и на оваа средба имаа проблем со реализацијата од седум метри, промашија пет „пенали“, што пак против еден тим како Силкеборг не е дозволиво.

„Пред мечот кажав дека Силкеборг е во топ три тима во силното данско првенство, но сепак сум разочаран бидејќи повторно промашивме голем број пенали. Едноставно не може да се добие еден ваков меч со пет промашени пенали. Квалитет кај нас е тоа што можеме да изнудиме пенал, но мора и да почнеме да ги погодуваме. Сепак, ова е одлично искуство за нас како млад тим, но мора да учиме од грешките. Навистина не знам што е проблемот на домашните мечеви, дали притисокот од публиката, но тоа е што е. Задоволен сум од поддршката што ја имаме и наша цел е да продолжиме со работа и да учиме што побрзо. Ова ќе ни биде голема школа бидејќи имаме сила што можеме оваа сезона да играме во групна фаза“, изјави Кирил Лазаров.

Марко Стојковиќ исто како и Лазаров, се надева дека во иднина ќе бидат подобри и дека ќе научат од ваквите мечеви што побрзо.
„Беше тежок натпревар. Во првиот натпревар одигравме добро, но голем проблем ни беа промашените пенали. И второто полувреме го почнавме добро, но како одминуваше мечот едноставно паднавме во играта. Ова мора да биде школа за нас и да продолжиме да работиме да бидеме подобри во иднина“, изјави Марко Стојковиќ.

Алкалоид и Силкеборг ќе имаат шанса да ги одмерат силите за една недела во Данска.

ПретходноСилкеборг ја оправда фаворитската улога против Алкалоид
СледноКреспо на работа во ОАЕ