МЗТ Скопје и ТФТ денеска ќе настапат на сцена на Златибор, каде се одржува вториот турнир во АБА2-лига. Македонските претставници во новите битки во второлигашкото јадранско натпреварување влегуваат со различен скор, МЗТ Скопје има победа и пораз, додека тимот од Тафталиџе запиша два порази. Овој турнир ќе биде одлична шанса да дојдат до посакуваните бодови кои ќе ги стават во многу подобра позиција.
Актуелниот македонски првак игра во раниот термин од 15 часот, а на другата страна на теренот за противник ќе го има составот на Хелиос. Двата тима имаат историја на пресметки, до сега одиграле шест меча, а четири од нив им припаднале на „сино-белите“ од Аеродром. Кошаркарите на МЗТ Скопје славеле на последните два меча, одиграни во 2021 година. Оттогаш многу работи се промениле и во двата состави, останува да видиме што ќе понудат оваа сезона.
ТФТ пак првата победа ќе бара против Цедевита Јуниор (21 часот), тим кој славеше против МЗТ Скопје на првиот турнир, и има половичен скор. Македонскиот претставник пред да дојде на Златибор беше гостин на Пелистер во Битола и запиша убедлив пораз, пред оваа средба имаше серија од четири победи во низа.
Пелистер игра утре против Војводина.