ФК Работнички за Седлоски: Цврстина, карактер, искуство, трофеи…

467

Новото раководство на ФК Работнички покажува дека има сериозни намери, и тоа како. Првите луѓе на клубот сакаат да го вратат Работнички таму каде што му е местото, при врвот или на него во мак – фудбалот.

Првиот потег е направен. Донесен е за тренер трофејниот Гоце Седлоски.

А еве како ФК Работнички на својот официјален сајт се пофали со својот нов тренер, еве како го претстави Седлоски:

Работнички од денеска има нов шеф на стручниот штаб. Тимот го презема Гоце Седлоски, кој потпиша договор со клубот до јуни 2025 година.

Тој е роден лидер, беше таков и како фудбалер, долгогодишен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, првиот кој влезе во историјата со 100 натпревари во дресот со националниот грб. Имаше импресивна фудбалска кариера, почетоците му беа во Победа, потоа направи трансфер во Хајдук Сплит, а оттаму во Англија, во тимот на Шефилд Венсдеј, и тоа во период кога за фудбалери од овие простори тоа беше речиси незамисливо.

Следеше повеќегодишна верност кон Динамо Загреб, замина кусо и во јапонскиот Вегалта Сендаи, играше и за турскиот Дијарбакир, а кариерата ја заврши во австрискиот Матерсбург.

Во Австрија, како асистент во стручниот штаб на Матерсбург, Гоце Седлоски ја почна и тренерската кариера. Потоа беше асистент во стручниот штаб на А-селекцијата на Македонија, која кусо ја водеше и како привремен селектор.

Првата самостојна тренерска работа ја имаше во Хоризонт Турново со кој стигна до второто место во македонскиот шампионат, а го предводеше и на европски натпревари.

Потоа се пресели во Вардар, прво како директор, а откако седна на тренерската клупа освои две шампионски титули и еден Суперкуп во периодот од 2015 до 2017 година.

Гоце Седлоски тргна во интернационална кариера, беше тренер на Рига, Широки Бријег, го водеше вториот тим на Динамо Загреб, а во 2021 година се врати во Македонија како тренер на Шкупи и во сезоната 2021/22 ја освои шампионската титула.

Последен ангажман на Гоце Седлоски пред доаѓањето во Работнички беше на клупата на албанскиот прволигаш Влазнија Скадар.

ПретходноИ ТФТ победи во АБА 2 лигата!
СледноКРАЛОТ е на колена: Синер во меч за паметење го победи Новак за еуфорија во Торино!