Македонскиот репрезентативец, Филип Кузмановски и Вецлар ја раскинаа соработката, информираше германскиот тим на својата официјална страница. Договорот на македонскиот репрезентативец беше до крајот на сезоната, но работите се променија. Можеби ова е најдоброто решение во овој момент со оглед на тоа дека Кузмановски не ја добиваше минутажата која ја заслужива во редовите на бундес-лигашот.
„Договорот беше раскинат со взаемна согласност. Филип дојде кај нас со желба да му дозволиме да го напушти клубот бевме согласни со тоа бидејќи за жал тој не ги исполни во целост нашите спортски очекувања. Му благодариме на Филип за неговата посветеност и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави директорот на Вецлар, Бројн Сеип.
Ова веќе ги подгрева шпекулаците дека Филип Кузмановски, би можел да се врати во домашниот шампионат. А тука изборот е стеснат, засега како тимови за кои би можел да игра се Пелистер, Алкалоид, па и Вардар. Македонскиот првак е најблиску до услугите на Кузмановски. Не се исклучува и можноста да потпише и за клуб од странство.