FOTO> HNS
Селекторот на репрезентацијата на Хрватска, Златко Далиќ повика нови фудбалери за оние кои откажаа настап од најразлични причини. Па така во составот се и двајца дебитанти, едниот е Мартин Батурина од Динамо Загреб, а другиот е Марко Пашалиќ од тимот на Ријека (не е роднина со попознатиот Марио Пашалиќ кој одамна е репрезентативец).
Пашалиќ е крилен напаѓач и тој има интересна животна приказна затоа што почнал како градежен работник, а потоа се фокусирал на фудбалот. Тој има 23 години, роден е во Карлсруе, а првите фудбалски чекори ги направил во Хофенхајм, Калрсруе и Штутгарт за кој дебитирал во сениорскиот тим. Следува играње за вториот тим на Борусија Дортмунд, а потоа и преселба во Ријека.
Токму во Ријека се развил во вистински фудбалер затоа што претходно морал да работи и дополнителна работа.
„На училиште не ми одеше, па работев кај брат ми во фирмата. Отидов на другата страна (надвор од фудбалот) да видам како се заработуваат пари. Работев работи кои тие не ги сакаа. Мешав малтер, носев вреќи со цемент, собирав ѓубре, бојосував ѕидови…“, кажа своевремено Пашалиќ за почетоците на својата кариера.
До сега Пашалиќ имаше настапи за У17 и У21 репрезентација, а сега е повикан во сениорскиот тим за дуелите со Летонија на 18 ноември и Ерменија на 21 ноември во квалификациите за ЕП.