Пелистер не успеа да дојде до првите бодови ниту на седмиот меч во Лигата на шампионите. Ракометарите на Пелистер одиграа одлично прво полувреме, но како по некое непишано правило паднаа во вториот дел. Пик Сегед казни и славеше со 34-26.
Роланд Миклер е името на ракометарот кој беше „виновен“ за убедливата победа на унгарскиот тим, запиша 16 одбрани (14 одбрани во второто полувреме), фати бројни зицери на ракометарите на Пелистер.
Васиљев имаше пет гола, додека еден помалку запишаа Радивојевиќ и Атанасијевиќ.
Македонскиот првак мотивирано влезе на оваа средба, изгледаше многу поинаку од претходните. Со два гола на Пешевски и еден Цехте, поведе со 1-3. И не застана, со нова серија од 3-0, во 10 минута запиша водство од четири гола (3-7). Пик Сегед беше со играч помалку, а тоа максимално го искористи македонскиот првак, поведе со плус пет 4-9 во 11. минута.
Шоштариќ го прекина налетот на битолчани, но Радивојевиќ од седум метри врати на 5-10. По оваа позитива, Пик Сегед со три гола во низа намали на 8-10 на средината на првото полувреме.
Радивојевиќ не дозволи домаќинот да се врати целосно (8-11), во следните три минути Пелистер одржуваше позитива од два до три гола. Три нереализирани напади, Пик Сегед ги казни. Бомбач, Шоштариќ и Маргуч изедначија на 13-13 во 20. минута. Кисум и Атанасијевиќ „сврзаа“ два гола, Пелистер дојде на плус два (14-16). Битолчани поведоа уште еднаш со два гола, а потоа унгарскиот тим на двапати изедначи. На одморот беше 18-19.
Пик Сегед на стартот на второто полувреме со играч помалку на теренот изедначи на 19-19, но Јелиниќ заработи исклучување за предност од двајца играчи на теренот за битолчани. Од оваа ситуација, Пелистер не успеа да „ќари“ ништо, противникот добро ги изменаџира тие минути. Откако домаќинот се комплетираше, Миклер влезе во серија од шест одбрани, а Пик Сегед направи серија од 7-0 за водство од 27-21 во 43 минута.
После 11. минути, македонскиот првак преку Атанасијевиќ успеа да го совлада Миклер за 27-22, се надоврза Васиљев за 27-23. Пелистер намали на 28-25, но тоа не беше вистинска закана за противникот, бидејќи во 55. минута позитивата изнесуваше 33-25. Тука беше и крајот на оваа средба.
Македонскиот првак ќе има шанса да се реваншира за една недела кога на домашен терен го пречекува унгарскиот тим.