Три порази во низа за тимот на Драган Канатларовски – Цапар и загубени квалификации за надежите кои се далеку од игрите, резултатите и атмосферата за сензација во групата и напад на првите две позиции.
Срамна игра, срамен пристап – срамен резултат! Грузија со трите бода заминува од Скопје, така замина и Холандија а ние поразени сме и кај најслабиот во групата – Молдавија.
Одличниот старт и победата над Шведска (која сега изгледа дека била случајна), се далеку од посакуваното сценарио за овие квалификации, за оваа генерација на млади фудбалери.
Што сега!?
Кога сите „бродови тонат“, кога не се гледа излез – потребна е одговорност, конкретни мерки и алтернатива за во иднина. Ова што е сега не е алтернатива а игрите и резултатите не даваат надеж дека овие наши надежи можат да бидат иднина за мак-фудбалот. Ако во минатото игравме на ЕП, се боревме за баражи, бевме бисоко пласирани и добивавме ривали како Франција, Украина, Шкотска, Србија… сега си губиме од Молдавии, Грузии…
„Што да гледам, што да се гледа… беда..“, истакна познат фудбалски работник полладнево во Скопје кој си замина од стадионот каде што играа нашите надежи и каде загубија со 0:1 од Грузија. За некои критичари резултатите се очекувани. Во националниот тим до 21 година играат играчи со слаби минутажи за своите клубови а некои воопшто и не ни играат. Таквиот пристап, таквиот избор на фудбалери донесе до оваа серија од три порази по кои треба да се вклучи „црвениот аларм“ во ФФМ. Да се лоцира вината и да се бара решение – ова не е собир на играчи за индивидуални тренинзи, ова е сериозна репрезентација која во иднина треба да биде извор или расадник за сениорскиот тим. Сега е јасно зошто во А репрезентацијата со години нема повик за играч кој е 20 или 19 години. Нема зошто нема основа, немаат игра и резултати овуе младинци. И оние кои вредат се ставени во сенка и тонат заедно со оние кои неосновано играат за оваа селекција и со нив сите заедно одат кон бездната.
Драган Канатларовски како искусен тренер треба да знае да се справи со оваа ситуација. Можеби треба да го отстапи местото на некој помлад и поамбициозен тренер кој би имал решение за да се справи со моменталната ситуација. Кредитите се потрошени… потребна е правовремена реакција!