Едно е да се надеваш, посакуваш, да имаш желба, а сосема друго е тоа да го оствариш. Вечерва на “Олимпико“ во Рим нашата репрезентација беше понижена, Македонија беше поразена со 5:2.
Посебно катастрофа беше првото полувреме, кога Италија просто не “згази“. Немавме ниту една акција, за шанса да не говориме. Ако не беше Столе на голот, којзнае дали тие 3:0 ќе и беа доволни на Италија.
Во второто полувреме нешто подобро, посебно по двата гола на Атанасов, но во тие моменти Италија беше повлечена, таа ни дозволи да играме, а не дека ние којзнае што направивме. И кога и требаше, си даде два гола и на крајот беше 5:2.
По оваа ноќ на “Олимпико“ во Рим, секако дека треба да се каже дека ништо не е како што треба. Ние и дефинитивно одиме назад, а не напред.
Одбраната катастрофа, средниот ред, посебно во првиот дел, не се виде. И кога е така, тогаш и Елмас и Миовски во нападот беа отсечени и не примија топка. Во тие моменти делувавме понижено. Далеку беше оваа вечерашна Македонија од таа во Торино, а посебно од онаа од Палермо.
Да, ништо не е како што треба…