Во февруари оваа година Марсело се врати во Флуминенсе, клубот во кој „порасна“ како фудбалер и од каде се „лансираше“ на светската фудбалска сцена. По 16 години европска авантура, тој се врати во Флуминенсе со кој пред неколку недели ја освои Копа Либертадорес.
Бразилецот откри дека Кристијано Роналдо го повикал заедно да играат во Ал Наср во Саудиска Арабија, но и дека ја одбил понудата.
„ЛШ или Копа Либертадорес? Ја одбирам оваа втората. Ме прави горд затоа што ми е подрага титула. Во Реал треба да ме разберат. Тоа е мојата најдрага титула, бидејќи ја освоив со клубот во кој израснав.
По Реал Мадрид, зборував со Роналдо да ги следам неговите чекори. Меѓутоа нешто ми кажуваше да се вратам во Бразил, да ги следам моите корени. Срцето ми велеше – Флуминенсе и ете ме тука“, изјави 35-годишниот фудбалер.
Марсело е 14-тиот фудбалер, односно деветтиот Бразилец кој ја освоил и ЛШ и Копа Либертадорес.