Кошаркарите на Пелистер дозволија за една четвртина да го загубат мечот со Златибор во рамките на 5. коло од новата сезона во АБА 2 лигата. Иако цели три четвртини диктираа темпо и одржуваа предност, во последните 10 минути им дозволија на противниците да направат целосен пресврт и на крајот да дојдат до четвртата победа сезонава.
Момците на Радуловиќ го претрпеа третиот пораз и останаа во долниот дел на табелата. „Зелените“ тргнаа со добра игра и во воведните две четвртини успеаја да обезбедат предност од 5 поени на полувреме (36:31). Златибор малку го засили темпото на игра во третиот период и успеа да намали, но главниот пресврт се случи во последната четвртина во која Пелистер комплетно потфрли.
Златибор ја доби четвртината со 12 поени предност, а битолчани дозволија да примат дури 30 поени, кои на крајот им донесоа нов пораз.
Николиќ со 22 и Ребец со 20 поени беа носители на победата на Златибор, додека кај Пелистер најдобар поентер беше Планиниќ со 21 поен.