Давид де Хеа ја одби мултимилионската понуда од Саудиска Арабија и нема да ја продолжи кариерата како соиграч на Кристијано Роналдо во Ал Наср. Ова го тврдат шпанските медиуми, попат откривајќи дека би можел да замине во МЛС кај Лионел Меси во Интер Мајами.
Шпанецот, кој одигра 45 натпревари за националниот тим и минатата сезона беше прогласен за најдобар голман во Премиер-лигата, е без клуб откако не успеа да преговара за продолжување на договорот со Манчестер Јунајтед. За англискиот гигант одигра 545 натпревари, од кои 190 без примен гол, а со него беше победник на англиското првенство и Лигата на Европа.
Според англиските и шпанските медиуми, Ал Наср му понудил на Де Хеа два милиони евра месечно за потпишување на договорот, но тој ја одбил понудата. Можеби и поради интересот што го покажа Интер Мајами, клуб во косопственост на Дејвид Бекам во кој настапуваат Меси, Бускетс, Алба, а кој наводно ќе ги потпише и Луис Суарез и Иван Ракитиќ.
Освен интересот од МЛС, Де Хеа наводно има уште неколку опции. Се споменува можно враќање во Атлетико Мадрид, Валенсија и Бетис, како и можен влез во шпанскиот второлигаш Елденсе.