Планираното е остварено! Ракометарките на македонскиот шампион Ѓорче Петров обезбедија пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп. Во реванш мечот од шеснаесетфиналната рунда, избраничките на тренерот Симе Симовски и вторпат беа подобри од белгиски Еупен, овој пат на домашен терен со 48:36.
Со оваа победа, ѓорчепетровки само ја потврдија својата класа во однос на противникот и сосема заслужено се најдоа меѓу 16-те најдобри екипи во ова европско клупско натпреварување.
Во првиот дел од денешниот меч Ѓорче Петров имаше предност од 22:20, а во вториот дел со одлична игра уште од почетокот само го најави вториот триумф. Разликата се зголемуваше од минута во минута, за на крајот нашиот првак да дојде до уште една висока победа.
Во редовите на нашиот првак денеска со по 11 погодоци фантастично издание имаа Коларовска и Ризоска, а по 7 гола запишаа Ангела и Марија Јанкуловски.