Милевски: Момците го даваат повеќе од максимумот!

168

Утре е крајот на лошиот квалификациски циклус за Македонија во битката за пласман на ново ЕП. И за крај спектакл на Скопје, за крај домаќини на најдобриот – Англија. Домаќини на оние кои во јуни ни нанесоа тешка болка, длабока рана, вечна траума – 7:0! Во пресрет на дуелот кој почнува од 20:45 часот, селекторот Благоја Милевски се појави на вообичаената прес конференција:

„Ние веќе направивме многу измени во составот и на начинот на кој функционираме на теренот по оној дуел во Манчестер. Кога имате во тимот многу млади играчи, нормално е да има осцилации а ваквите натпревари се и одлична можност за тие фудбалери да ги одмерат силите со најдобрите во светот“, истакна Милевски за и околу измените во нашиот тим од онаа катастрофа во Англија.

Околу физичката подготвеност по дуелот со Италија!? „Ростерот е тој, играчите имаат проблеми во клубовите и ние тука не можеме да направиме ништо. Барем да бидат конкурентни во своите екипи за да бидат физички добри за дуели како овој дуел утре. Момците на физички план го даваат максимумот и многу повеќе од тоа. Менталната сила ја имавме, со Италија се вративме по негатива од 3:0. Ќе има некои ротации за да издржиме јако утре со Англија“ .

Што научи Македонија по дуелот на „Олд Трафорд“!?

„Учиме од секој натпревар. По тој меч следен дуел ни беше оној со Италија, имавме многу измени… Тимот имаше нов лик, многу млади играчи кои внесоа нова позитивна енергија. Тоа донесе и 1:1 со европскиот првак“.

Што да се очекува од утрешниот меч со Англија!?

„Прво да видиме како ќе заврши денешниот тренинг. На крајот од денот ќе одлучиме кои ќе бидат стартери. Што очекуваме!? Почнувајќи од септември имаме една цел. Тоа се иднината и следните предизвици за нас. Подмладување, нов лик за новиот циклус од Лигата на нации кој се игра од септември идната година. Тоа е процес кој мора да го минеме. Овие дуели и оние кои следат ќе треба да ни дадат јасна слика со што располагаме за во иднина“.

ПретходноСтоле Димитриевски: Да докажеме дека 7:0 не се наша реалност!
СледноБлагоја Милевски: „Мојот договор истекува тогаш кога истекува“!