Ќе имаме вистински фудбалски спектакл вечерва во Скопје на фудбалскиот натпревар Македонија – Англија. Последниот меч од квалификациите за пласман на ЕП против најсилната и највредната репрезентација на „Стариот континент“ во моментов. Полни трибини со наши навивачи кои одамна ги разграбаа билетите за дуелот на нашите фудбалери против селекцијата на „Гордиот албион“.
„СпортСпорт“ дознава дека со чартери до Приштина, Ниш и Софија многу навивачи на Англија денеска ќе направат инвазија на Скопје. Од вчера низ главниот град имавме прилика за видиме фанови на оваа селекција кои доаѓаат во нашата земја да го прослават првото место во групата, убедливиот настап во квалификациите и подготовките за напад на европската круна идното лето.
Околу 3.000 навивачи на Англија денеска ќе бидат во Македонија. Со пет автобуси ги носат од Приштина и со по 3 од Србија и Бугарија.
„Англичаните купија вкупно 2.321 билет за источната трибина и 250 ВИП билети за северната трибина“, е официјалната бројка која ни ја пренесе ФФМ за бројот на гостинските навивачи.
Рестораните, пабовите, кафулињата и хотелите во Скопје денеска се букирани од гости. Поради големата гужва и интерес ФФМ апелира навивачите порано да дојдат на стадион. Натпреварот почнува од 20:45 часот а половина час порано ќе се затвараат вратите на трибините кои ќе бидат отворени за посетителите од 18 часот.