Игор Митрески: Верувам во оваа репрезентација на Македонија!

1053

Кога некој што има 70 настапи за нашата најдобра селекција, кога цела една деценија не можела без него да се замисли одбраната на националниот тим, тогаш јасно е дека тој е меродавен да каже нешто во врска со претстојниот дуел со Англија.

А тој некој е Игор Митрески, член на онаа прочуена одбрана од пред две децении, Седлоски – Митрески – Новески – Васоски. Некогашен фудбалер на Силекс, Спартак Москва, Металург Запорожје, Беитар Ерусалим, Енерџи Котбус, Бершот, ЦСКА Софија, Нечи Баку.

Човек кој од сите досегашни пет средби против Англија, или четири во негово време, играше на три, на првата кога беше 2:2 во Саутемптон беше повреден и затоа не беше во составот.

Има играно за Македонија против Бекам, Руни, Џерард, Лампард и останатите мега – ѕвезди од тоа време.

Па така за специјално за Магазинот на Фудбалската федерација на Македонија за мечот со Англија, Митрески истакна:

Морам да кажам дека ние бевме добра генерација, посебно одбраната беше составена од навистина квалитетни играчи. Што да се каже за Седлоски, Новески, Васоски. Сепак останува тагата што ете не успеавме да дојдеме до нешто големо, до пласман на ЕП. Морам да кажам дека посветено доаѓаваме на собирите, за нас беше голема чест да се игра за Македонија. Имаше убава атмосфера и искрено не ни беше многу важно против кого игравме. Барем јас така се чувствував. Дали против Англија или некоја друга послаба репрезентација, пред мене притисокот беше ист, да се даде максимумот за својата држава на фудбалскиот терен. Беа тоа убави времиња, но јасно е дека тоа беа и некои други времиња од повеќе аспекти. Добро беше што сите ние игравме постојано, имавме голема минутажа во своите тимови, бевме стандардни. Тоа многу ни помагаше да играме добро и во дресот на репрезентацијата“ вели Митрески.

ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА ИМА ОГРОМЕН ПОТЕНЦИЈАЛ

И Митрески како и сите останати некогашни репрезентативци и големи имиња во нашиот фудбал, секогаш ја дава поддршката на репрезентацијата, на играчите, стручниот штаб.

Тој во суперлативи гледа на она што се случува во изминатите две-три години во репрезентацијата.

Секако дека бев воодушевен и многу среќен што Македонија пред две години играше на ЕП, што играше во баражот за СП во Катар, каде не делеа 90 минути од најголемиот успех во историјата. Јас многу добро знам што говорам. Имено оваа генерација на Македонија има голем, огромен потенцијал, има екстра играчи, има заеднички дух, секако кога и ФФМ ќе се надоврзе со овозможување на сите можни услови, е тогаш тоа мора да вроди со плод. Штета е што во овие квалификации се паднавме во најтешката можна група, Англија, Италија и плус Украина. Реално за нас пласман на ЕП и пред стартот на квалификациите беше невозможна мисија. Но ме радува тоа што имавме извонредни моменти, а најногу ме радува дека по оној убедлив пораз во Манчестер ние многу брзо се вративме во `нормала`. Тоа најдобро го покажува карактерот на оваа селекција. Мислам дека генерално на овие играчи, барем на неколкумина, им недостига минутажа, им недостигаат настапи во своите клубови. Мој совет до нив е што побрзо да си ја сменат средината. Така ќе биде подобро за нив, но и за репрезентацијата“.

Во последното коло во овие квалификации вечерва играме со Англија пред преполна Арена во Скопје. Што може Митрески да им порача на нашите репрезентативци.

Тие заедно со селекторот Милевски најдобро знаат што треба да направат. Мое е само да им посакам среќа, одличен настап, на фановите, а се очекуваат најмалку 30.000, да им порачам да им ја дадат целата поддршка на фудбалерите зошто Македонија игра со силен противник. Верувам во оваа Македонија, во нејзиниот квалитет, верувам дека може да дојде до позитивен резултат против една така екстра силна селекција. Зошто да не?“ заклучи Митрески специјално за Магазинот на Фудбалската федерација на Македонија за натпреварот со Англија.

ПретходноВажни информации за навивачите во пресрет на натпреварот Македонија – Англија!
СледноМурињо сака нов договор со Рома