Екипата на Алкалоид вечерва (20:45 часот) му гостува на Силкеборг во рамките на четвртото коло во Европската лига. Македонскиот вицепрвак на првата пресметка во Скопје пред една недела беше совладан од фаворизираниот состав со 23-31.
На оваа средба избраниците на Кирил Лазаров имаа пет промашени седмерци, нешто што и самите видоа дека не смее да се случи против еден клуб како што е Силкеборг, кој е фаворит во групата за пласман во главната фаза во Европската лига.
Анализите се направени, останува младите ракометари на македонскиот вицепрвак да го подигнат ниво, да ги намалат грешките и храбро да излезат на теренот на данскиот тим, кој е огромен фаворит на оваа средба.
Лазаров посакува да видиме поголема борбеност и мотивираност од своите ракометари, како и подобра реализација од седум метри, која на два меча, на домашен терен се покажа како проблематична.
Алкалоид во овој момент е последен на табелата во силното друштво на Силкеборг и Војводина кои имаат по четири бода, и Ла Риоха, кој има три бода, а против кого македонскиот вицепрвак одигра без победник на гостински терен.
Директен пренос од оваа средба ќе има на МРТ 3.