Бразилски „UOL Esporte“ тврди дека Карло Анчелоти веќе го ставил својот потпис на договорот со Бразилската фудбалска конфедерација.
64-годишниот италијански тренер се појави како еден од фаворитите за преземање на „кариоките“ откако долгогодишниот селектор Тите си замина по разочарувачкиот настап на СП во Катар. Бразил засега го има Фернандо Диниз како привремен тренер на тимот, а наскоро се очекува Анчелоти комплетно да ја преземе селекцијата.
Анчелоти има помалку од една година од договорот со Реал Мадрид, а многумина очекуваат Италијанецот да ја направи најавената промена на лето. Во последните недели, извештаите сугерираа дека во Реал се надеваат дека ќе му понудат нов договор на тренерот, но очигледно и да се случи такво нешто, Италијанецот нема да прифати затоа што има преддоговор со Бразил.
Како што објави UOL Esporte, Анчелоти го потпишал договорот со Бразилската конфедерација и почнувајќи од летото 2024 година седнува на клупата на „кариоките“.