Струмица се подготвува за европска одбојка: Против СВД Дирен со полна сала до победа!

418

Подготвени и желни за добар резултат, одбојкарите на македонскиот шампион Струмица се подготвуваат за првиот натпревар од 1/16-финалето на Купот на ЦЕВ против германски СВД Дирен. Во четврток од 19 часот во салата „Парк“ во Струмица, македонскиот првак го дочекува силниот германски бундеслигаш, кој е вистинска „Легија на странци“ во чии редови има дури 11 интернационалци кои и оваа година одлично ја отворија новата сезона и се наоѓаат на самиот врв на бундеслигашката табела.

Тренерот на струмичани, искусниот стратег Кире Ричлиев, вели дека во екипата владее голем оптимизам и желба за докажување на првата средба со силниот ривал.

„СВД Дирен е многу квалитетна екипа составена од интернационалци со големо искуство. Но тоа не не плаши, напротив не мотивира. Сите сме подготвени за мечот, деновиве ја работиме тактиката и завршните подготовки, гледаме некои видеа од нивните последни дуели и според мене, нема што да се плашиме. Ние ќе излеземе, ќа ја играме нашата игра и ќе бараме победа“, оптимист е Ричлиев.

Струмица деновиве ја зафати одбојкарска „манија“, па и одбојкарите и стручниот штаб очекуваат добра посета на првиот меч со Германците.

„Искрено, во градот многу се зборува за овој меч. Денеска се поставува подлогата во салата, ќе биде убаво за око и да се гледа дуелот, но и да се навива за нас, за да ни помогнат на овој прв натпревар да направиме добар резултат. Очекувам добра посетеност, затоа што Струмица знае да цени вистинска и квалитетна одбојка. Ние ќе се преставиме најдобро што можеме и со еден добар резултат да одиме на реваншот во Германија“, заклучи Ричлиев.

Според лекарскиот тим на Струмица, мала повреда има искусното либеро Михаилов, но најверојатно во овие два дена и неговата повреда ќе биде санирана.

ПретходноАнгеловски пред Пик Сегед: Ме загрижува тоа што лесно се предаваме
СледноСејдини: Моментот кога 30.000 срца на стадионот експлодираа од радост (ВИДЕО)