Милев пред дуелот со Дирен: Треба да прикажеме квалитет и во клупската одбојка

183

Одбојкарите на Струмица денеска ќе ги имаат и последните тренинзи и тактички подготовки за првиот меч од 1/16-финалето на ЦЕВ Купот против екипата на СВД Дирен од Германија. Капитенот и еден од најискусните во тимот, Владо Милев, најавува голема борба за секој поен, затоа што само така Струмица може да смета на поволен резултат на првиот домашен меч.

„Очекувам добар натпревар, очекувам полна сала која ќе ужива во квалитетна одбојка. На репрезентативно ниво прикажавме добри игри, сега е ред и на клупско ниво исто така да покажеме дека може да играме исто така добро. Има доста интерес за натпреварот, а картите ке бидат пуштени во продажба на влезот во салата со цена од 100 денари. Ги повикувам сите струмичани, па и наши навивачи од другите градови да дојдат и да не бодрат на оваа средба“, вели Милев.

За квалитетот на противникот, нашиот репрезентативец вели дека доволно зборува фактот што Дирен е екипа составена од 11 интернационалци.

„Нивниот состав е претезно со странски играчи. Само двајца во тимот се Германци. Искрено, не ги познавам најголемиот дел од нивните играчи, но имавме можност да играме со Грција ова лето и во тој состав се истакна токму коректорот Мухлиас. Ќе видиме како ќе изгледаат како тим тука во Струмица“, дополни нашиот репрезентативец.

Мечот се игра утре во салата „Парк“ во Струмица од 19 часот. Судии на средбата ќе бидат Варбанов од Бугарија и Гркот Геротодорос.

ПретходноСпанулис: Ова е голем срам за кошарката! Записничар ми кажа е*и се!
СледноШок за светскиот првак: Селекторот Скалони најави заминување!