Пелистер го запиша осмиот пораз во Лигата на шампиони. Ова беше ново добро издание на македонскиот првак кое на крајот не беше крунисано со бодови, Пик Сегед со гол во последната секунда славеше со 27-28 во меч од осмото коло.
На оваа средба дебитираше македонскиот репрезентативец, Филип Кузмановски, кој постигна пет гола. Еден гол повеќе имаше Борзаш. На другата страна Шоштариќ имаше седум гола.
Пелистер со головите на Пешевски и Кузмановски поведе со 2-1, по што застана. Пик Сегед со серија од 4-0, предводен од Степанчиќ поведе со 2-5 во седмата минута. Оваа позитива од три гола, гостите ја имаа во 12 минута (4-7) и 16 минута (6-9). Битолчани одговорија со 3-1 за 9-10, по што повторно влегоа во криза, од која противникот успеа да дојде до водство од четири гола (9-13). На одморот резултатот беше 12-15.
По само пет минути игра водството на Пик Сегед изнесуваше четири гола (14-18), беше и 15-19. Гостите влегоа во серија на грешки, не реализираа од седум метри, на другата страна македонскиот првак се издигна, носен од своите фанови дојде до второто изедначување на мечот 19-19 во 42. минута. Павле Атанасијевиќ, Борзаш и Цехте и Пешевски беа стрелците, а Лесјак во меѓувреме и се разбуди, а Пик Сегед не реализираше од седум метри.
Мацковчек го прекина налетот на Пелистер (19-20), дуелот влезе во незивесна завршница. Кузмановски не успеа да донесе водство, на другата страна Шоштариќ врати за 20-21, Цехте загуби топка, Фримел зголеми на 20-22 во 48. минута.
Пешевски и Кузмановски израмнија на 22-22 за драма во „Боро Чурелевски“ во последните девет минути. Пик Сегед направи нови плус два (22-24), Шоштариќ го држеше својот тим на работ на минимална позитива.
Гедбан влезе на местото на Лесјак, со цел да одбрани пенал, а потоа остана на голот во последните четири минути, во кои запиша три важни добрани, не му дозволи на противникот да дојде до плус два. На другата страна Пелистер имаше два неискорситени напади, но конечно Борзаш го донесе посакуваното изедначување (26-26), по нова одбрана на Гедбан. Соареш погоди за 26-27 на минута до крајот, Петровиќ врати за 27-27. Во последните 20 секунди, Сита погоди за победа (27-28).