Постои големо незадоволство па и резултатите се очајни во репрезентацијата до 21 година која ја предводи Драган Канатларовски. Челниците на ФФМ треба добро да размислат и да пресечат околу тоа дали оваа селекција има иднина со ваквиот начин на работа, избор на фудбалери и игра…
Во квалификациите за пласман на ЕП ние веќе сме неконкурентни и далеку од врвот затоа што наредивме три порази во серија по кои сме -7 бодови од второто место. Губиме дома од Грузија, на гости од аутсајдерот Молдавија, дома од Холандија и само еден блесок и победа на гости кај Шведска по која влеговме во транс и се чини дека уште славиме а поразите се нижат и нижат.
Ништо не играме, слаб напад, никаква реализација и реми на тест со Австрија кое ништо не значи – во меч со ниту еден удар на гол.
Во ова време, во современ фудбал, најголемата казна е да ти кажат да следиш меч на младата селекција на Македонија, посебно оној последниот дома со Грузија кој е „буквар“ за сите тренери во Македонија и лекција за сите како не треба да се игра, како не треба да се работи, како не треба да се води една селекција која е важна, ако не и најважната во стратегијата на една федерација.
Незадоволсто има, бројките се тие, фактите исто така… Има луѓе и експерти кои добро знаат што е добро, што е надежно, што е просперитет. Во моментов во селекцијата до 21 година, ништо не е добро, нема надеж, нема перспектива!
Она што се очекува е смена и наоѓање на млад, амбициозен тренер кој ќе знае да направи „рестарт“ и да ја врати оваа генерација во живот. Имаме такви кадри, има тренери кои знаат и кои имаат резултати зад себе, но и тие треба да добијат шанса затоа што не се социјални случаи и сакаат да работат.
Од незадоволство врие и на социјалните мрежи каде родители на активни репрезентативци со тешки навреди му се обраќаат на актуелниот селектор Драган Канатларовски.
Раководството на ФФМ треба да пресече за добро на фудбалот!