Томас Милер (34) со години е еден од најплатените играчи на Баерн Минхен. Неговата бруто плата е 20,5 милиони евра и искусниот напаѓач нема намера да прифати помалку пари за да потпише нов договор следното лето.
Неговиот договор со Баерн завршува следната година во јуни. Преговорите за продолжување на соработката се уште не се започнати и тимот од Минхен смета дека има доволно време да седне на маса со искусниот офанзивец.
Од двете страни постои желба за продолжување на соработката. Сепак, Милер би можел да ја затвори вратата за себе бидејќи нема намера да ја намали платата за да остане уште една година во клубот.
„Томас Милер не е многу спремен да преземе големо намалување на платата, ако воопшто сака да го земе тоа. Тоа не е лесна одлука, но сепак Милер ќе игра до 2025 година, без разлика дали во Баерн или на друго место“, тврди Билд.
Искусниот 34-годишен офанзивец мина низ младинската академија на баварскиот гигант, а за првиот тим дебитираше во 2008 година. Одигра 680 пати за баварскиот гигант. Неговиот досегашен учинок е 237 гола и 261 асистенција.
Секако, со Баерн зеде апсолутно се што можеше, 12 пати беше шампион на Германија, двапати ја освои Лигата на шампионите и многу други трофеи.