Во сабота на „Етихад“ ќе се одигра големото дерби помеѓу Манчестер Сити и Ливерпул. Претходно тренерот Пеп Гвардиола посочи дека „црвените“ се најсериозниот кандидат за титулата во Премиер лигата и дека против нив било многу тешко да се игра.
Тој меч ќе биде шанса на Ерлинг Халанд, конечно, да го прекине постот против Ливерпул и да стави „икс“ на уште еден клуб на својот список. Имено, Халанд само против Ливерпул и против Брентфорд нема постигнато гол во Премиер лигата.
Тој дојде во Сити летото 2022 година, минатата сезона Норвежанецот постигна 36 голови во 35 натпревари во Премиер лигата, запиша осум асистенции и помогна тимот да стигне до тројна круна – Премиер лигата, ЛШ и ФА купот.
Оваа сезона во 12 лигашки натпревари има 13 голови.
Кога сме кај овој меч да кажеме дека Сити ќе брка 24 победа по ред на домашен терен со што би го изедначил ефектот на Сандерленд остварен меѓу 1890 и 1892 година.
Од друга страна единствената победа на Ливерпул над Сити на претходните 14 првенствени дуели беше со 4:1 во ноември 2015 година (од тогаш пет ремија и осум порази).