МЗТ Скопје ја запиша осмата победа оваа сезона во Првата лига, откако на домашен терен го совлада Чаир со 91-58. Гостите беа рамноправен противник две четвртини по што актуелниот македонски првак одигра трета четвртина за паметење.
На средината на вториот период, кошаркарите на Чаир 2030 со серија од 9-0 дојдоа до водство од 19-25. Ова момент кога се разбудија браќата Војдан и Дамјан Стојановски, го повлекоа тимот и со серија 12-0 дојдоа до позитива од 31-25 на две минути до крајот на полувремето. На одморот резултатот беше 33-28.
Во продолжение следеа црни минути за Чаир. Во третата четвртина кошаркарите на МЗТ Скопје доминираа во сите сегменти, дадоа 32 поени, а примија само пет (65-33), за крај на сите дилеми на оваа средба. До крајот се чекаше само крајниот резултат.
Танасковиќ постигна 21 поен, по 11 имаа Робев и Дамјан Стојановски, додека десет запиша Миловановиќ. На другата страна Мустафица, Мофит и Реџа имаа по десе поени.
На останатите средби: Еуро Никел беше подобар од ТФТ на домашен терен со 66-65, Гостивар загуби од Академија со 90-92, Кожув загуби од Работнички со 84-90.