Светскиот шампион во МотоГП од 2020 година, Жоан Мир, ќе мора да го пропушти остатокот од викендот за Големата награда на Валенсија, откако доби медицинска забрана да вози.
Шпанецот падна во првите минути од вчерашниот прв тренинг кога го испушти моторот на студениот асфалт. Неколку пати се тркалаше во безбедносната зона, а потоа ја посети локалната болница на преглед.
Иако немаше повреди, Мир сепак го пропушти вториот тренинг поради болки во вратот. На помалку од еден час пред почетокот на третата тренинг сесија беше најавено дека лекарите нема да му дозволат на Мир да вози до крајот на викендот.
За него ова ќе бидат вкупно пет пропуштени трки во годината. Мир нема да биде единствениот стартер кој ќе ја пропушти трката во Валенсија овој викенд. Покрај него и Мигел Оливеира поради повредата на десното рамо нема да вози викендов.