Брегалница – Шкендија 2:2 е епилогот од првиот меч од 15.коло во ПМФЛ кој се одигра денеска во Штип. Убав, отворен фудбал под Исарот по кој тетовци иако двапати водеа сепак не победија. Голем бод за Брегалница ако се знае дека дваесетина минути домашните играа со играч помалку. Стрелци на головите беа Велковски и Ѓорѓиев за домашните и Елези и Аганспахиќ за гостите.
Во 90+5.минута Брегалница имаше супер шанса за пресврт и херојска победа, но сепак немаше гол.
Домашните тргнаа амбициозно, имаа неколку добри акции, но сепак првата шанса ја имаа гостите и тоа преку Красничи во 4.минута кога шутираше покрај голот. Неколку минути подоцна Роналдо со убав шут од 20 метри се закани, но Талески феноменално го спаси голот на Шкендија. Во 22.минута тетовци дојдоа во водство со убавиот гол на Дашмир Елези, кој прво убаво си се сврте и стрелаше во десниот горен агол на домашните за 0:1 и радост меѓу фудбалерите на Шкендија.
Три минути подоцна Красничи се закани, но сега Давков убаво одбрани.
Второто полувреме започна со шутот на Силјановски и одличната одбрана на Талески, но во 54.минута резултатот е 1:1. Роналдо изведе корнер, нафрли пред голот на гостите а таму највисоко скокна Велкоски и со шут со глава ја тресе мрежата на Шкендија.
Штипјани ја круниса иницијативата и го израмнија резултатот на 1:1.
Брегалница не застана тука, тргна по победа, а Андерсон во 60.минута имаше зицер, но сепак Талески одбрани, каква шанса за “сините“.
И тогаш одлична акција на тетовци, кои во таа 68.минута ја крунисаа со голот на Аганспахич за ново водство и тоа од 1:2.
Во 73. минута Брегалница остана со играч помалку откако Робакидзе доби втор жолт, односно црвен картон.
По ова и Брегалница и Шкендија можеа, имаа шанси, да постигнат уште по некој гол, а тоа го стори Ѓорѓиев со гол во 87. минута за 2:2.