Фудбалерите на Манчестер Јунајтед славеа со 3:0 на гостувањето кај Евертон и ја остварија третата последователна победа оваа сезона во Премиерлигата. Освен тоа, „црвените ѓаволи“ на исто толку натпревари немаат примено гол. Пред самиот натпревар, навивачите на Евертон го обоија стадионот во црвено со кореографија против Премиерлигата која ја нарекоа корумпирана поради одлуката да им се одземат 10 бода.
Потегот на мечот, а можеби и на сезоната, се случи уште во третата минута кога од многу тешка позиција, Алехандро Гарначо со ножички го совлада Џордан Пикфорд и ги доведе гостите во водство.
До крајот на мечот благодарение на головите на Рашфорд од пенал, а потоа и на Ентони Марсијал кој го постигна својот прв премиерлигашки гол оваа сезона, Манчестер Ј. дојде до убедлива победа.