Калин Ивановски загуби уште во првото коло на Челинџер 100 турнирот во Јакаичи, Јапонија. Поуспешен од него беше Италијанецот Џовани Фонио (25 год., 285. АТП ранг) со 2-1 во сетови (46 76(5) 76(5)) во меч што траеше 2 часа и 39 минути игра. Турнирот се игра за награден фонд од 130.000 долари.
Првиот сет му припадна на македонскиот тенсиер со 6:4 во гемови, кој го имаше и првиот брејк во мечот во седмиот гем за водство од 4:3. Во вториот сет повторно Ивановски поведе со брејк во третиот гем со 2:1 во гемови, а го освои и следниот гем за водство од 3:1. Но, противникот успеа со серија од четири гема да дојде до предност од 5:3, за да Ивановски направи нов брејк и мечот да стигне до тај брејк. Во 13.гем Фонио успеа да поведе со 6:3 на поени и сетот да го заврши со 7.5.
Во решавачкиот сет повторно голема борба и без брејк до 10.гем и резултат од 5:5, кога Фонио успеа да поведе со 6:5 по одземениот гем на Ивановски, но македонскиот тенисер ја врати неизвесноста со ри-брејк и се избори за нов тај брејк. Повторно играта на поени беше клучна и му припадна на Италијанецот со 7.5.
Инаку, Фонио на претходниот Челинџер во Јокохама како „среќен губитник“ успеа да влезе на главниот турнир и во четвртфиналето загуби од победникот Јосуке Ватануми од Јапонија.