Чави: Немаме континуитет, Порто е голема шанса за нас!

190

Тренерот на Барселона, Чави Хернандез денеска изјави дека верува оти натпреварот против Порто во Лигата на шампионите може да биде пресвртница за неговиот тим оваа сезона.

Барселона со победа против Порто би се вратила во нокаут фазата од Лигата на шампионите по две последователни елиминации во групната фаза.

Можеби тоа нема да биде доволно за да се намали притисокот врз тренерот Чави, бидејќи неговиот тим во последно време не игра баш најдобро. Во последниот натпревар од Лигата на шампионите, Барселона беше поразена од Шахтјор Доњецк со 1:0, додека викендов ремизираше 1:1 со Рајо на Столе Димитриевски во Ла Лига.

“Работите не се одвиваат како што се очекуваше во последно време. Беше подобро против Рајо, но ни недостасува континуитет. Утре е голема можност за нас. Тоа може да биде пресврт. Навистина верувам дека ќе одиграме подобро. Ако не верував немаше да бидам тука“, рече Чави.

Барселона ќе се пласира во нокаут-фазата од Лигата на шампионите со победа или реми, доколку Шахтјор не успее да го победи Антверпен во реваншот од групата Х.

„Во Барса секогаш има притисок. Отсекогаш било вака и нема да се промени. Во овој клуб треба да се победи“, изјави Чави.

Барселона моментално е прва на табелата од групата Х од Лигата на шампионите со девет бодови, исто толку колку и второпласираниот Порто. Шахтјор е трет со шест бодови, додека Антверпен нема бодови.

Натпреварот во Барселона се игра утре од 21.00 часот.

ПретходноДобра вест за Томас Тухел и Баерн
СледноПод итно смена за Канатларовски, уште една шанса за Милевски!