Иван Галевски е дел од експедицијата која замина за Нови Сад, каде Алкалоид утре ќе го одигра реванш дуелот. Младиот голман на македонскиот вицепрвак заедно со Благојче Трајкоски ќе бидат задолжени за мрежата на својот тим.
„Мразот“ на европска сцена го „скрши“ против Силкеборг, а сега ќе ја чека својата шанса и на последниот гостински натпревар во Европската лига, во која Алкалоид ја има дебитанската улога, но и најмладиот состав.
„Овој меч ќе биде нов голем предизвик со кој нашата млада екипа ќе треба да се соочи. Војводина е сериозен противник, тоа го покажува со резултатите и оваа сезона во Европа. Ние ја анализиравме добро нивната игра, и подготвени сме да излеземе на терен, со желба и борбеност да се надигруваме со противникот во Нови Сад“, изјави Иван Галевски.
Натпреварот меѓу Војводина и Алкалоид ќе се игра утре со почеток од 18:45 часот, а тв пренос ќе има на МТВ 3.