Англиските медиуми пишуваат дека селекторот на тамошната репрезентација, Герет Саутгејт останал без неколку милиони фунти бидејќи неговиот агент Тери Бирн ги вложил неговите пари во неуспешен градежен проект, односно нова деловна зграда во Лондон, вреден вртоглави 25 милиони фунти.
Саутгејт не е единствениот негов клиент кој останал без пари. Истото се случи и со двајца други поранешни англиски репрезентативци, Џо Кол и Глен Ходл, како и со неколку врвни готвачи со ѕвезда на Мишелин.
Саутгејт и Бирн остануваат во добри односи, но најверојатно ќе ги прекинат деловните односи. „Работиме на враќање на парите. Најважно ми е секој да добие се што изгубил“, изјави Бирн за Mail Sport.
Тој и Саутгејт соработуваат од 2016 година кога Саутгејт беше селектор на младинската репрезентација и оттогаш тој ја презеде одговорноста за А-селекцијата и Бирн преговараше голем број нови договори со ФА во негово име, во вкупна вредност од над 20 милиони фунти.
Тој е еден од попознатите фудбалски агенти на островот кој кариерата ја започна како масер во Челзи, а подоцна ги претставуваше легендите како Дејвид Бекам и Пеле. Англиските медиуми пишуваат дека неговата репутација сега е многу разнишана.