СВД ДИРЕН – СТРУМИЦА 3:0 (25-18, 25-19, 25-23)
Иако и вторпат беа поразени со максимален резултат, одбојкарите на македонскиот шампион Струмица на гостувањето кај германски Дирен вечерва покажаа дека не случајно и оваа есен се дел од европските купови. Во реванш мечот од 1/16-финалето на Купот на ЦЕВ, во три одлични сета, Струмица покажа дека има квалитет со кој може достојно да се престави на европската сцена и покрај тоа што и на денешното гостување не беше комплетна, откако во составот на Кире Ричлиев ги немаше интернационалнците од Тунис, кои не добија виза за влез во Германија.
Малку недостасуваше Струмица да се врати и со еден освоен сет од ова гостување кај силниот бундеслигаш, бидејќи во третиот сет нашиот првак влезе во финишот со предност од три поени (18:21), но домашните успеаја во самата завршница (22:23) да направат серија од 3:0 со која и овој сет го претворија во своја корист.
Сепак, и во првите два меча моцмите на Ричлиев одиграа без притисок и со голема желба за докажување. Дирен првиот сет го освои со 25:18, а неизвесно беше и во текот на цел втор сет, кој Германците повторно го решија во последните поени за 25:19.
Деан Глобоцки со 13 поени беше најдобар поентер во редовите на нашиот првак вечерва. Одлично расположен бее и Владо Милев со 11, додека Славе Наков реализираше 7 поени.
Струмица со овој меч ги заврши настапите во Европа, а со подобра организација и поголеми инвестиции следната сезона може да се надева и на пласман во некое од понатамошните кола во европските клупски натпреварувања.